kotle.ca

Switch to desktop Register Login

Лустрација

„ЧЕСТИТКИ“ ДО НАСЛЕДНИЦИТЕ НА ПОЛКОВНИК АБАС!

                            [Image: Cvetko_Uzunovski-1-1.jpg]

Наследниците на македонската комунистичка елита, особено на едно нејзино радикално крило, направија нешто што може да служи за пример во сите поранешни социјалистички земји. Успеваат на маестрален начин да ги сокријат трагите за нивните злодела!

пишува Владимир Костовски


Во летото 1991, кога ЈНА доби наредба да ја спречи сецесијата на Словенија веднаш по успешниот референдум, еден војник на тогашната армија во среде борби даде изјава, чинам за тогашниот Јутел. На прашањето што правите вие овде, војникот одговори: „Еве, тие божем се отцепуваат, ние божем не им даваме“.

Оваа реченица, која ја симболизира страшната лага околу претходниот договор на српските и словенечките комунисти да одглумат краткотрајна војна, по што армијата се повлече целосно од Словенија, е сосема адекватна и во македонскиот случај на божемна лустрација. Доволно е да смените само еден збор во реченицата, па таа би гласела вака: „Еве ние божем сакаме да ги лустрираме, а тие божем не ни даваат!“

Изјавата во овој случај, се разбира, би дошла од актуелната власт претставувана од десната подружница на здружената банда, ВМРО ДПМНЕ, а се однесува на оние што божем не даваат, левата подружница на истата банда, СДСМ.

Со последната одлука на Уставниот суд за суспензија на десетина члена од актуелниот, изменет, практично втор закон за лустрација во Македонија, само се потврдува, дека земјата од 1945 година до сега, ја управувале само и единствено комунистите, без оглед како тие се прекрстиле и се размножиле во повеќе партии и без оглед дали денес се викаат капиталисти, либерали, демократи...

Лагата беше јасна од почетокот, сега само кулминира

                                     [Image: gruevski27.jpg]

Лажната политичка волја за прочистување на општеството од луѓето што соработувале со тајната полиција во времето на социјализмот, но и потоа, беше јасна за оние што не се слепци уште на почетокот на процесот, кога пред 11 години се дозволи увид во досијеата. Ограничено, една година, селектирани досијеа со избришани и затемнeти имиња во нив на соработниците и со законски казни ако се изнесат во јавност! Кога по некоја година требаше да се продолжи со глумењето демократија, бидејќи тоа го бараа оние кон кои божем се стремиме, го пуштија Стојан Андов да „изменаџира“ закон кој ќе има дупки и кој нема да се спроведе. Кога и таа игра беше прочитана, Андов, божем се трга од процесот, а ВМРО ДПМНЕ носи закон кој има уште повеќе дупки и нелогичности, плус тој и таков го спроведува килаво, еднострано, реваншистички, селективно.

Конечно, кога и при такво спроведување на законот дојдоа на ред малку покрупни риби од една од подружниците, односно кога Комисијата веќе не можеше да го одложува нивното појавување во јавноста, се јавува Уставниот суд како последно оружје, како тешка артилерија и законот оди неврат. Блатото во кое е заглавен целиот процес сега е преголемо за да се извлече процесот на чистина. Овие, од десната подружница на бандата, смешно најавуваат продолжување на процесот, ако требало и со „тврда лустрација“, а ако и тоа не успеело и со „улична лустрација“. Демек, ќе ги изваделе сите досијеа на увид на јавноста. О, туго, туго, што би рекле кумановци.


Системот се одбрани!

Зошто е ова вака, е сосема јасно за оние што не сакаат да бидат слепи при очи. Ако во Македонија се спроведе искрена и чиста лустрација, граѓаните ќе ја откријат најчуваната тајна - методот на функционирање на трансформираните комунисти, кои според план, строго дефиниран и прецизен, по 1990 се преобразија во „демократи“ и „бизнисмени“ и повторно останаа на власт до денешни дни.

Ако се спроведе искрена и чиста лустрација, ќе се види дека при спроведувањето на тој план тие го искористиле нивниот најсилен камшик - тајната полиција, преку чија помош искреирале лажни нови вредности во божемното ново општество. Ќе се види дека се искористени сите полуги на нивната моќ, особено оние со кои управувала тајната полиција за да изгледа однадвор дека сѐ е сменето, а всушност сѐ е исто. Впрочем и затоа имаме невиден отпор кон лустрацијата и од самите некогашни и сегашни шефови во тајната полиција, а не само од лидершипот на здружената банда.

Искрената и чиста лустрација ќе покаже на виделина како еден центар на моќ управува со целото општество. Како од еден центар, една иста здружена банда прво создала „повеќе политички партии“, па создала „законодавен дом“,  па независно судство“, па потоа создала повеќе медиуми со повеќе „независни основачи“, па создала „повеќе права и слободи“, итн.

Таквата, искрена и чиста лустрација ќе ја открие вистината и за верските права и слободи, односно како се создадени МПЦ-ОА, ИВЗ и другите поголеми и помали верски творби. Ќе открие сигурно и како функционираат автономните универзитети, струковите здруженија на работодавачи и синдикати, огромен дел од невладините организации, па сѐ до функционирањето на месните заедници!

Ете, тоа системот што е создаван и усовршуван од 1945 г., не можеше да си го дозволи. Здружената банда со двете главни подружници ВМРО ДПМНЕ и СДСМ не можеше да си дозволи граѓаните да прогледаат како се формирани и од кого се управувани. Не можеше здружената банда да си дозволи да се откријат имињата на сите оние што им помагаа во глумата пред јавноста, а пред сѐ да се откријат посвоените деца на УДБ-а во медиумската свера или пак меѓу адвокатите, не дај боже. Не можеа да си дозволат да се откријат плејадата соработнички имиња на македонските факултети, кои по идеолошка нарачка и за пари, докажаа дека не се достојни ниту за селски учители, а не пак за даскали во високи образовни институции. Тие не може да дозволат ниту лустрација во верските институции, зашто ќе се открие огромната поврзаност на верската и световната власт во секуларна држава, по што, истите тие верски лица ќе бидат нефункционални за реализација на натамошните акции и планови на здружената банда.

Суштината е во тоа дека ќе се откриеше оти прогонот и манипулациите по идеолошка основа продолжил и по 1991, со што ќе се потврди дека системот и натаму е едноумен и управуван од ист центар на моќ како и во периодот 1945-1990 година.

Честитки до наследниците на Абас


                                                  [Image: siljanavramovski-1.jpg]

Оттука, ако сите вредности и процеси во Македонија по 1990 г. биле на некој начин лажни и лажирани, зошто некој би помислил дека нема да биде лажиран и еден процес на лустрација, кој на некој начин јасно ќе го покаже тоа. Сѐ друго е работа на техника на изведување. 

А тука, на наследниците на македонската комунистичка елита, особено на едно порадикално крило може да им се честита, оти тие направија нешто што може да служи за пример во сите поранешни социјалистички земји. Успеваат на маестрален начин да ги сокријат трагите за нивните злодела!
                                              [Image: slobodanbogoevski-1.jpg]Затоа и нека не ве чуди што во македонските медиуми деновиве имате негативни и позитивни коментари за одлуката на Уставен и за моменталната фаза од процесот на лустрацијата. Помалку вичните и помалку упатените новинари, кои сѐ уште веруваат оти не постои една единствена злосторничка банда што управува со Македонија, ами дека се најмалку две, ја фалат одлуката на Уставен и се ситат на ВМРО ДПМНЕ. Поупатените, de facto соработниците преку кои се одвива целата игра во јавната свера или молчат или пишуваат остри коментари против СДСМ и нивните протежеа во Уставниот суд. Тој процес ќе го гледаме интензивно и во наредните денови во медиумите во Македонија.
                       [Image: SashoMijalkov.jpg]

Илјадниците македонски граѓани - директни жртви на комунистичката и неокомунистичката елита и на нејзиниот камшик тајната полиција, кои настрадале само зашто имале поинакво мислење, својата правда ќе ја дочекаат само ако во Македонија се создаде нова, оригинална и неоктроирана политичка сила која ќе се потпира на вистнските вредности на демократијата. До тогаш можеме само да им „честитаме“ на наследниците на крилото на полковникот Цветко Узуновски - Абас, затоа што покажаа во поновата македонска историја дека сѐ уште можат да прават злодела и сѐ уште можат успешно да ги сокриваат, односно да останат неказнети!

Copyright by Kotle.ca . All rights reserved.

Top Desktop version