Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

ПРВО ОПНИ, ПА ПОСЛЕ РЕЧИ-СКОК

 

[Image: 6sf9g3.jpg]

Со доаѓањето на власт 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ како партија наметна еден стандард кој потоа премина во пракса, пред секои избори (без оглед дали се парламентарни или локални), да се додворува пред граѓаните со давање отчет за сработеното, во поткрепа и оправдување на она што е ветено и остварено од претходниот мандат, како и на она што не е ветено, а е исполнето(она што е ветено, а не остварено го нема-во отчетот)

Отчетот за сработеното е изготвен во една брошура со содржина и сликовит приказ на реализирани проекти, како и отпочнати и недовршени проекти како дел од дадените ветувања од претходните избори.  

Меѓутоа на последниве локални избори 2013 год во брошурата за Општина Центар од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Тодоровиќ, забележав дека нема ниту збор спомнато за инвестициите на општината, а кои се дел од проектот „Скопје 2014“. Тоа со „мало“ закаснување го забележа и градоначалникот Тодоровиќ, но веќе беше предоцна. Сепак запазувајќи го начелото на отчетност на партијата и почитувајќи ги интересите на граѓаните, на еден трансапрентен начин, заедно со Министерката за култура Елизабета Милевска Канческа(како морална поддршка) одржа прес конференција, на која го дополни пропуштеното во отчетот за предизборната кампања, за да не му замериме... се шалам!

Она што мене ми боде во очи, а верувам и на оној кој збележал, е тоа што вакви пост-изборни прес конференции не се одржаа во ниту една друга општина каде поранешните градоначалниците од владеачката ВМРО-ДПМНЕ се заменети со нови градоначалници-нивни сопартијци. А зошто? -Нема со што да се „пофалат“!?

Овој начин на промовирање „транспарентност“ во водење и трошење на буџетските средства дотурање масло на огнот имајќи го предвид фактот што прес конференцијата како отчет за потрошените буџетски средства за проектот „Скопје 2014“ следи веднаш по губење на градоначалничката функција на В.Тодоровиќ кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Тајмингот на одржување на прес конференцијата на тандемот Тодоровиќ-Канчевска, како „носители“ на проектот „Скопје 2014“, пробудува многу неразјаснети прашања што уште повеќе ја доведуваат под сомневања можноста од постоење корупција, задкулисни игри, испумпување буџетски средства со фиктивни фактури итн...

Во цела оваа збрка, на крајот за повеќето граѓани остана нејасно, -зошто ВМРО-ДПННЕ не ја следеше досегашната пракса и не даде отчет, преку нејзиниот кандидат за Општина Центар, за потрошените средства ПРЕД одржување на локалните избори во проектот „Скопје 2014“?

-Зошто В.Тодоровиќ не кажа ниту збор за потрошените пари на општината во тој проект пред одржување на гласањето? Нели е тоа проект со кој треба да се гордее, не да се срами!?

-Зошто на Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и требаа 5 години јавно да проговори за чинењето на проектот „Скопје 2014“, зарем таа не требаше исто така да ја следи праксата на владеачката партија и уште во 2011 година, пред парламентарните избори да излезе со бројки за цената на чинење на проектот, како што е редот, нели!?

Зарем требаше да дојде до промена на градоначалникот во Општина Центар од редовите на опозицијата, за Министерката заедно со градоначалникот во заминување да одржат прес конференција на која ќе биде запознаена јавноста како се трошат јавните пари!? А, што ако немаше промена на позицијата градоначалник во О.Центар!? Што ако и понатаму останеше Тодоровиќ, што мислите, ќе излезеа министерката и Тодоровиќ и три часа да образлагаат на јавноста колку изнесува цената на чинење за проектот „Скопје 2014“!?

Овие нелогични и сомнителни постапки поврзани со проектот „Скопје 2014“ ги подгреваат сомнежите во јавноста и остава уште поголема скепса дека зад проектот ВМРО-ДПМНЕ има намера да сокрие информации кои се непријатни за будното уво на јавноста, а кои штетно ќе се одразат врз рејтинг на партијата.

Велат за вкусовите не се дискутира, но дека проектот „Скопје 2014“ за граѓаните на Општина Центар преставува едно од најголемите разочарувања на власта, се покажа уште за време на парламнетарните избори во Јуни 2011 година каде во услови на целосна доминација на владеачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје како и секој дел од државата, тие во срцето на Скопје-Општина Центар, каде потрошија 250 милиони евра(неофицијално) од буџетот на државата, на крајот не испорачаа добар резултат за партијата, односно беа поразени од опозицијата со околу 1.000 гласа разлика.

Потврда на горната теза се резултатите од локалните избори 2013 год каде што опозиционерот А.Жерновски како кандидат за градоначалник во Општина Центар, го порази кандидатот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ В.Тодоровиќ со убедливи 2.700 гласа разлика. Што ќе каже, проектот го постигнал контраефектот! Злобниците ќе речат: „колку уште пари требаше да се инвестираат во Општина Центар за да се придобијат Центарци!?“

Само за илустрација ќе споменам дека во ниту една скопска општина власта ни приближно нема инвестирано толку многу пари, како што тоа го направи во Општина Центар, но и покрај тоа резултатот е поразителен. Зошто баш проектот „Скопје 2014“ е пресуден за изборниот резултат на локалните избори? Граѓаните на Општина Центар, кои живеат, престојуваат, секојдневно изглегуваат, се шетаат, пазаруваат, се рекреираат итн, најдиректно ја чуствуваат пренатрупаност од споменици, бетон, железа по плоштади и паркови, бидејќи тие им се пред очи, а дополнително иритира фактот што во услови на светска економска криза и нестабилна национална економија, економското рацио на секое домаќинство се води од секојдневните животни потреби, и ним не им е дојдено до „art“.

Поентата ми е дека на овие локалните избори во Општина Центар не победи Андреј Жерновски, тој е само логична последица од одбивноста и антагонизамот на „центарци“ кон спомениците, бетонот, уништување на она мало зеленило што им преостана во урбанизираните подрачја, а кој револт го изразија со казнување на владеачката ВМРО-ДПМНЕ преку смена на нивниот кандидат за градоначалник.

Арсов Тале