Macedonian Albanian Croatian Dutch English French German Italian Portuguese Russian Spanish

Warning: Invalid argument supplied for foreach() in /home/kotle145/public_html/templates/gk_news2/html/com_content/article/default.php on line 14

пишува Владимир Костовски

 

 

СТЕЧАЈ ЗА МЕДИУМИТЕ И „НОВИНАРИТЕ“ ВО МАКЕДОНИЈА !

 

Неможноста да се излезе од затворениот погубен круг на двете братски партии во Македонија, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, во добар или и најдобар дел се должи на катастрофалната состојба со новинарството во земјата. Без точни, правовремени и сеопфатни информации, нема слобода на избор. Не бадијала, медиумите во секој учебник за држава и право се ставени како четврт елемент на власта. Оттаму, во Македонија, не само А1, туку повеќето медиуми треба да се затворат, самоукинат, самораспуштат, а една од првите силни реформи што треба да се прави, се реформите на медиумите и во новинарството


Со големо задоволство и сладострастие ги проследуваме информациите за аферата поврзана со тројцата европратеници, меѓу кои и нам познатиот Зоран Талер. Задоволството и страста не се од иста природа и мотив кои ги има во моментов и интензивно ги чувствува лидершипот на десната банда во македонската политика, номинално предводен од премиерот Н. Груевски.

 

Тие ако нема друг начин, преку своите „длабоки“ Орцекамчевски врски во британската влада, секако дека ќе изнајдат начин да им се заблагодарат на уредништвото и на новинарите на Сандеј Тајмс, кои успеаја мудро и минуциозно да ги насанкаат корумпираните политичари. Секако дека задоволството кај лидершипот на десната банда е потполно, зашто сега ќе имаат дополнителен погон во нивната пропагандна антиевропска машина да ги заверглаат старите приказни дека Талер е скриен СДСМ-овец и дека за таа цел тајно соработувал и со „дописничките“ од Брисел на македонските медиуми, се’ со цел да се урне ВМРО ДПМНЕ од власт и на законски или незаконски начин да се врати „левата“ банда на СДСМ.

 

Ние, се разбира, нема да невлегуваме во овие тврдења, иако по открититето на Сандеј Тајмс не би не зачудило се’ што се тврди за Талер да е точно, до последната буква.

 

Нашата причина за сладострастието и задоволството од откриената афера, всушност се должи на докажаното и правоверно новинарство, кое како четврта власт во секој демократски поредок има огромна одговорност да се занимава со точно, прецизно, сеопфатно и правовремено информирање на јавноста, т.е. на граѓаните, за сите битни аспекти од нивното живеење, особено за односот на избраните или делегираните функционери во сите институции што се важни за нивното општество.

 

Де факто, првата и најзначајната одговорност на медиумите и новинарите е да го информираат гласачкото тело, со цел демократијата да функционира, т.е., избирачите да имаат точни информации врз основа на кои ќе го носат својот суд за политиката и политичарите. Да знаат точно и прецизно кој ги лажел, а кој не, кој само ветувал, а кој исполнувал и кој, е каков. Само врз основа на тие и такви информации, граѓаните со право на глас ќе ги имаат предусловите да донесат објективна и заснована одлука, за тоа на кого на наредните избори ќе му го пренесат своето суверено право да владее со државата во нивно име.

 

Без оглед на мотивите на весникот, без оглед кој е неговиот сопственик и какви интереси има тој, во западното новинарство се уште доминантна категорија е виситината, а се уште доминантна алатка за да се дојде до нејзе, е истражувачкото новинарство. Тоа го покажува и овој пример со Сандеј Тајмс, тоа го покажуваат и стотици други примери, меѓу кои, секако, помаркантни во блиско минато беа аферите со Берлускони и со корупцијата на Жак Ширак.

 

Ете таму лежат основите за вистинското задоволство и сладострастие од оваа голема афера. Во вистинското и професионално новинарство, кое ги почитува оние за кои е наменето – публиката, т.е. граѓаните, од кои на крајот на краиштата и всушност живее, т.е. зема плата.

 

А1 под стечај?

Во изминатите неколку дена повторно до точка на усвитување во македонската политика, т.е. во односите меѓу левата и деснат банда (а по вертикала и хоризнотала низ целото општество), се врти темата за македонските медиуми. Случајот со замрзнувањето и одмрзнувањето на сметките на А1 ТВ, како една од фирмите инволвирани во аферата Рамковски, стана битен услов за тоа дали ќе имало избори или не или евентуално дали на тие избори ќе учествувала левата банда и нејзините сателити или пак, ќе ги бојкотирале.

 

Покрај А1 ТВ, тука ги замешаа и дел од медиумите на другата голема медиумска групација во Македонија, медиумите на германски ВАЦ, со недамнешната најава од компанијата, дека во рамките на рационализацијата и поуспешното работење, се размислувало за згаснување на Утрински Весник.

 

Логиката на покренување на овие прашања во јавноста, особено од левата банда, секогаш се заснова на тезата дека станува збор за медиуми исклучително критички настроени кон десната банда, која пак, еве ја, се служи со нечесни методи и со вон законски и вон европски практики, да ги затвори и да ги замолкне критичните медиуми, со цел да оствари предност во јавноста воопшто, а особено пред изборите.

 

Иако неволно, повторно се решивме да се позанимаваме со македонските медиуми и со македонското новинарство.

Прво, точно е дека власта со политички притисок и со селективно гонење на криминалот удира по А1 Телевизија, како најескпонирано и најопасно оружје и на Рамковски и на Црвенковски. Во тоа нема сомнение, исто како што нема сомнение дека А1 ТВ, односно менаџментот на телевизијата, правел криминал врз основа на кршење на повеќе закони од областа на финансисиите и даноците. Истото важи и за весниците регистрирани на „Перо Наков“ бб, Шипц, Време и Коха.

 

Нема сомневање дека се колатерална жртва со Велија, се А1, иако и тие со години, исто, така ги кршеле законите. Значи, ниту во криминалот има сомневање (иако во неговото докажување се тргна полуподготвено, килаво и процедурално сомнително), ниту пак има сомневање во селективноста на власта, т.е. на деснава банда, во гонењето и расчистувањето со тој криминал, поради добро познати мотиви.

 

Потполно е исто со поновиот случај со Утрински Весник. Нема никаков сомнеж околу тоа дека деснава банда го смета за антивмровски и за непријател. Но, исто така, нема никаков сомнеж околу фактот дека тоа е весник со еден од најмалите тиражи во Македонија, дека речиси и нема рекламни клиенти, а се слуша и дека со години прави загуби во компанијата што го издава, кои се мерат со стотици илјади евра годишно. Сето ова значи, дека вистината никогаш не е баш црно- бела и оти има повеќе лица (најмалку две), кои секогаш треба да се истражуваат за да се претендира на нејзе.

 

Но, ние тука не сакаме да зборуваме за овие лица на вистината, кои веруваме им се познати на голем дел од јавноста, т.е од консументната маса на споменатите медиуми. Ние тука сакаме да потенцираме еден друг страшен факт, за кој и македонската јавност и самото новинарство, т.е. медиумите, упорно молчат и не го признаваат.

 

А тое е фактот дека македонското новинарство е во ужасно лоша состојба кога е во прашање професионализмот и кога е во прашање општествената одговорност на медиумите, кои без оглед дали се приватни или јавни, се занимаваат со јавно одговорна задача.

 

Проблем стана фактот – алфа и омега на новинарството

 

Имено, никој не се занимава со фактот дека во македонското новинарство, обратнопропорционално со растот на бројот на медиумите, исчезнува професионалното новинарство.

 

Колку што нам од општа култура ни е познато, еден од основните постулати врз кои лежи информирањето или новинарството пошироко, е вистината, т.е. вистинитоста на информацијата која се пренесува, за настанот за кој се известува. Во македонските медиуми, после толку години практикување, божем слободно и објективно новинарство, ослободено од стегите на едноумието на комунизмот, вистината е една од попроблематичните категории.

 

Земете го било кој настан од поголемо политичко или економско значење, вие ќе прочитате различни факти во различни медиуми, за иста работа. Во зависност од тоа дали медиумите биле блиски на левата или на десната банда, вие ќе се информирате на насловната страница на весникот или во ударната вест на телевизиските вести дека, на пример, „лидерската средба успеала, лидерската средба делумно успеала или лидерската средба е неуспешна“(се мисли на последното собирање на шефовите на бандите кај претседателот Иванов во врска со изборите).

 

Наместо да се оди со факти, се оди со оценки дадени неофицијално од бандите или пак, со оценки на уредувачките тимови на медиумите. Ова е само еден пример кој намерно го издвојуваме за да покажеме дека во македонските весници, радија и телевизии, денес се соочуваме со проблем, како граѓани и консументи, како гласачи ако сакате, да ја дознеме вистината. Ако ова е проблем на граѓаните во Македонија, на гласачите во дијаспората се разбира им е уште поголем проблем, без оглед на достапноста на информациите преку интернет.

 

Значи точноста или вистинитоста или фактите, се проблем со најголема тежина во денешното новинарство во Македонија.

 

Манипулативност

 

Вториот проблем кој испливува на површина, а е поврзан со првиот, е манипулативноста на македонското новинарство. Пропагандизмот и негативната селекција како дел од манипулативните алатки, уште и некако ќе го разбереме и ќе му се најде макар и тенко оправдување.

 

Тоа е она кога ќе пуштите вести на А1 и кога од прва до последна минута се редат прилози од кои треба да заклучите дека се е негативно во Македонија. Од тутунарите и лозарите, преку здравството до социјалата... Ама баш се’ е лошо, црно, да поцрно не може да биде. Ви зборуваме и за обратниот пример, кога ќе седнете да одгледате вести на Сител на пример, ќе стекнете впечаток дека се’ што прави актуелната власт (во случајов десната банда), е позитивно, умно, визионерски, градителски, патриотски, државнички... Тоа е таа пропаганда и негативна или позитивна селекција која ја гледаме и читаме денес во македонските елекетронски или пишани медиуми. Наместо новинарство, наместо истражување на факти, вие гледате пропаганда и манипулација.

 

Како што рековме, таа манипулација уште и ќе ја разберете. Но, што да правиме кога во име на цели на оние што ги злоупотребуваат новинарите и медиумите, се манипулира со факти? Како што беше случајот со лажното писмо на Филе до Груевски, во врска со слободата на медиумите во Македонија, а објавено помпезно како главна вест на А1 ТВ?

 

Што кога ќе видите дека во име на цели што немаат врска со новинарство и демократија, ќе монтираат писма или ќе измислуваат други факти, дури и во врска со институции какви што се еден еврокомесар на пример? Како тогаш да поверувате дека Н.Н. бил кодош и за тоа во некој медиум ќе се појави некаков си документ или дека Н.Н. бил криминалец и ја ограбил државата со милионски суми?

 

Да заклучиме, манипулативноста со лажни факти во македонското новинарство никогаш не достигнала поголема застрашувачка еуфорија каква што имаме во моментов. Вистинско цунами!

Површност, локалност, самобендисаност

 

Третиот негативен елемент кој го ничкосува македонското новинарство е површноста, која доаѓа од неукоста и катастрофалната образовна структура на самите новинари. Станува збор за такви еклатантни примери од кои како гледач или читател се срамите.

 

Тоа е така, затоа што во македонското новинарство може секој да работи и затоа што нема строга профилираност на новинарите, да речеме некој вид специјализација, а за супспецијализација и да не зборуваме. Земете најбанален пример – спорт и известување за спорт. Еден ист новинар ве информира и известува и за фудбал и за скијање и за формула еден и за ракомет и за американска кошарка. Но, тука последиците не се толку видливи.

 

Што на пример, кога еден ист новинар се нафаќа да известува за политички прашања, да речеме меѓуетничките односи, а утре истиот тој го читате како дава „експерстско“ мислење за тоа дали на Македонија и’ треба или не и’ треба нуклеарна централа или пак, дали Македонија треба да има поголеми или помали даночни олеснувања во делот на данокот на добивка или пак, дали Народната банка треба да ги зголеми или намали каматните стапки..?

 

Површноста во македонското новинарство се гледа ама баш во сите области со кое тоа се занимава. Човек што не знае што е слепо црево, што е рентген, а што е буџет во здравствен систем и како тој се распределува, ве известува комплетно за здравството. „Новинари“ што не знаат да прават разлика меѓу фискална и даночна политика ве известуваат и градат јавно мислење за економските политики во државата. Лица што немаат појма што е киловат, а што мегават час, известуваат за енергетската политика, а други што лажно и несвесно се претставуваат како новинари и уредници, не знаат што е извршна, што законодавна, а што е судска власт и каков е односот меѓу трите власти во еден демократски поредок.

 

И уште нешто, што е многу забележливо. Колку површноста на македонските новинари е поголема, толку поголема е и нивната самобендисаност. Не дај боже соговорникот да се обиде да им укаже на „новинарите“ на нивното незнаење!


Четвртиот негативен елемент што испливува на површина и што е поврзан со претходните три, е локализмот на денешното македонско новинарство. За секој просечно образуван, начитан и прошетан човек (се мисли прошетан низ светот), беше срамно деновиве да консумира македонски медиуми.

 

Срамно беше да се гледа како трагедијата во Јапонија се третира на внатрешните страници од весниците или како одлуката на Советот за безбедност на ООН за интервенција врз Либија и Гадафи, како и за првите крстосувачки ракети што беа истрелани, се вест која ќе се спомене во најавата на ТВ вестите, а потоа за нејзе ќе се информира во, да речеме, 25 минута од информативната емисија, во рубриката „вести од светот“.

 

Овој локализам на македонското новинарство е присутен многу одамна. Практично, по рушењето на комунизмот (кога се одеше во друга крајност), и е исклучително штетен за јавноста, за граѓаните. Долгодецениската затвореност поради визите и сиромаштијата, кои целосно негативно се одразуваат врз градењето објективна слика на македонската јавност, дополнително е потенцирано со локализмот практикуван од македонските медиуми. Освен ако не станува збор за забава, за животот на славните, се’ друго што се случува во светот за македонското новинарство во најмала рака е второстепено, третостепено, четвртостепено... Се’ така, до крајната граница – небитно за тоа да се информира.

 

Тоа е една катастрофално срамна позиција која со години се негува во македонските медиуми и која да повториме, само уште повеќе ја одалечува државата и нејзините граѓани од светот.

 

Исклучоци што го потврдуваат правилото

 

Ова се главните негативни елементи што се поврзани со самите медиуми и со новинарите, практично со квалитетот на новинарството во Македонија. За категории какви што се целосност на информација (втор, трет, четврт извор, споредни елементи битни за сторијата...), за категории какви што се навременост, избалансираност, чувство на одговорност кога се информира за малцински и загрозени општествени групи или пак, за религиски прашања, за категории кави што се документаристика и фелјтонистика во македонското новинарство, не вреди ни да се зборува.

 

Тоа се високо поставени и засега недостижни цели на македонските медиуми. Ние тука се обидовме да ги истакнеме главните, основните критериуми што го прават денешното македонско новинарство да биде на очајно ниско професионално рамниште.

За причините веќе сме пишувале. За бизнис и политичките и за мафијашко-полициските замешателства во македонските медиуми, кои се претворија во платформи за се’ и сешто, само не за информриање на јавноста, не само ние, туку и други пишувале.

 

Тука само ќе потенцираме дека една од најголемите и најнужни реформи со кои треба да се позанимава секој оној што има намера чесно и честито да управува со Македонија, е реформа во медиумската сфера: додека самите новинари како еснаф треба да се позанимаваат под итно, односно под најитно, со професионалните стандарди на новинарството, кои во најголем дел отсуствуаат.

 

На почетокот веќе рековме дека вистината секогаш има повеќе лица. Се разбира дека не сите медиуми и не сите новинари во Македонија се онакви какви што ги опишавме погоре. Такви се најголемиот дел од нив, а постојат исклучоци што само ја потврдуваат генералната состојба.

 

Затоа, кога денес се зборува за стечај и затворање на А1 ТВ, на Време, Шпиц, Коха, Утрински... всушност многу се греши! Во Македонија под итно треба да се (само)укинат 90 отсто од медиумите. „Стечај“ за сите такви !!!